“Веруваме во тебе, инвестираме во тебе, ЕУ за тебе!” – Главен настан и саем на проекти на Програмата за вработување, образование и социјална инклузија финансирана од ЕУ

На 4 декември 2017 година, Премиерот на Владата на Република Македонија, г-дин Зоран Заев заедно со Амбасадорот на Европската Унија и Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, г-дин Самуел Жбогар и Министерот за финансии на Република Македонија, г-дин Драган Тевдовскиотворија голем промотивен настан со цел презентирање на целокупните резултати и постигнувања во рамки на Оперативната програма за развој на човечки ресурси (2007-2013).

Официјалниот настан организиран како дел од кампањата “Веруваме во тебе, Инвестираме во тебе, ЕУ за тебе!” беше одржан во просториите на Економскиот факултет при Универзитетот `Св. Кирил и Методиј` – Скопје и на истиот присуствуваше и Министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Мила Царовска.

Беше организиран и Саем на проекти каде што беа изложени повеќе од 45 проекти со веќе имплементирани активности во рамки на трите приоритетни области – вработување, образование и социјална инклузија. Секој проект изложи и презентира промотивни материјали подготвени во рамки на своите ИПА проекти, притоа разменувајќи ги личните искуства и постигнати резултати.

Саемот кој беше организиран во форма на изложбени штандови за секој проект, секој поединечен штанд беше посетен од страна на високи претставници на Владата на Република Македонија, Делегацијата на Европската Унија, претставници на амбасадите во земјата, вработени и студенти од Економскиот факултет во Скопје и пошироката јавност.

Паралелно беа одржани три дебати на разни теми во рамки на секторите вработување, образование и социјална инклузија, со наслови: Сигурност за младите и борба против невработеноста кај младите; Практични вештини во стручното образование и обука како и образование за возрасни за полесно вработување; Социјални услуги и социјална интеграција на локално ниво.

Амбасадорот на ЕУ, Н.Е. г-дин Самуел Жбогар ја пренесе важноста на младинскиот потенцијал и капацитет како столбови за идни лидерски процеси.

Европската Унија преку ИПА, значително помогна во подобрувањето на квалитетот на образованието, обезбедувањето на пат кон полесно вработување и социјална интеграција за сите. Амбасадорот на ЕУ уште еднаш ја истакна континуираната поддршка на Европската Унија за подобра иднина и повисок животен стандард на граѓаните на земјата.

Премиерот на Владата на Република Македонија, г-дин Зоран Заев истакна дека инвестирањето во можности за инклузија, како и за еднаков пристап на сите граѓани на пазарот на труд е долгорочна но и најисплатлива инвестиција за општеството. Беше искажана благодарност за сите отворени можности за повеќе илјади граѓани и можноста да се подобрат себе си, да стекнат квалификации и да можат да добијат еднакви шанси на пазарот на труд. На крајот, тој ги истакна трите важни сегменти како предуслови за подобар живот на сите граѓани во едно општество: квалитетно и применливо образование, еднакви можности и широк спектар на можности за вработување.

Министерот за финансии, г-дин Драган Тевдовски соопшти дека Европската Унија со 35,7 милиони евра преку Инструментот за претпристапна помош даде директна поддршка преку Програмата за човечки ресурси (2007-2013), во чии рамки се спроведени 96 проекти во вкупна вредност од 41,7 евра милиони евра. Во рамки на имплементираните проекти беа подржани над 13.000  граѓани преку активните мерки за вработување, преку подобреното знаење и вештини и подобрена интеграција на ранливите групи во општеството.

За време на настанот, Сертификати за признание им беа доделени на релевантните национални акредитирани институции, дел од Оперативната структура за развој на човечки ресурси: Националниот ИПА координатор; Националниот координатор за авторизација; Националниот фонд; Ревизорското тело; Секторот за централно финансирање и склучување на договори; Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука.