Правна рамка

Рамковната спогодба е основниот правен акт во кој се пропишани принципите за соработка помеѓу Република Македонија и Европската комисија во однос на имплементацијата на ИПА. Овој акт претставува основа за воспоставување на потребните структури и надлежни органи во Република Македонија за управување со ИПА помошта при децентрализирано управување. Рамковната спогодба ги определува основните критериуми за стабилен финансиски менаџмент на ИПА и ги пропишува конкретните обврски при имплементација на проектите финансирани од ИПА. Во Рамковната спогодба  се пропишани и критериумите кои земјата корисничка треба да ги исполни со цел ЕК да донесе Одлука за пренесувањето на надлежностите за децентрализирано управување со средствата.

„Рамковната спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Комисијата на Европските заедници за правилата за соработка во врска со финансиската помош на Европските заедници за Република Македонија во рамки на спроведувањето на помошта според Инструментот за претпристапна помош (ИПА)“ е потпишана на 30.10.2007 година. Истата е ратификувана од страна на Парламентот на Република Македонија и објавена во „Службен весник на Република Македонија„ бр. 18/2008 од 05.02.2008 година.

Рамковна спогодба

Врз основа на потпишаната Рамковна Спогодба, Владата на Република Македонија ја усвои„Уредбата за утврдување на меѓусебните односи на органите и структурите на децентрализирано управување со првите четири компоненти од инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската Унија„ и истата е објавена во „Службен весник на Република Македонија„ бр.132/2008 од 21.10.2008 година и бр.119/2009 од 30.09.2009 година.

Уредба за ДИС

Измени и дополнувања на Уредба за ДИС

Во согласност со овие два документа, како и поради потребата за дополнително правно регулирање на меѓусебните односи помеѓу органите и структурите за децентрализираното управување со средствата од ИПА помошта, дополнително се усвоени и следниве правни акти:

  • Договорот за имплементација помеѓу Националниот фонд (НФ) и Секторот за централно финансирање и склучување договори (ЦФЦД) за имплементација на проекти финансирани од ИПА во рамки на системот за децентрализирано управување, кој ги регулира односите и обврските помеѓу НФ и ЦФЦД, односно Националниот координатор за авторизација и Раководителот на Оперативната структура/ Програмскиот службеник за авторизација.
  • Оперативните договори попишани помеѓу Програмскиот службеник за авторизација (ПАО) и Вишите програмски службеници (СПО) од ресорните министерства и институциите кориснички кои имплементираат проекти од првата ИПА компонента – Помош при транзиција и градење на институции, во кои се утврдени работните функции и задачи на Програмскиот службеник за авторизација и Вишите програмски службеници.
  • Раководителот на Оперативната структура (ХОС) за ИПА компонентите III и IV за Регионален развој и Развој на човечки ресурси ги потпиша Оперативните договори за овие две компоненти со ИПА координаторите од линиските министерства кои се надлежни за имплементација на проекти финансирани преку ИПА компонентите III и IV. Во нив се утврдени работните функции и задачи на Раководителот на Оперативната структура и ИПА коодинаторите во линиските министерства.