Инструмент за претпристапна помош (ИПА) 2007-2013

Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е новиот клучен инструмент на претпристапната стратегија на Европската комисија (ЕК). ИПА е воспоставен како резултат на реформата на Европската комисија за надворешна помош, при што правната рамка за регулирање на односите беше продолжена со подготовката на Новата финансиска перспектива 2007-2013. ИПА е формиран како единствен претпристапен инструмент за периодот 2007 – 2013 година, кој ги замени претходните програми за помош како PHARE, ISPA, SAPARD, CARDS и Инструментот за претпристапна помош за Турција. ИПА е основана со Регулативата на Советот бр. 1085/2006 од 17 јули 2006 година (ИПА Рамковна регулатива), додека правилата за спроведување на ИПА беа воспоставени со Регулативата на Европската комисија бр.718/2007 од 12 јуни 2007 година (Регулатива за спроведување на ИПА).

Главаната цел на ИПА е да им помогне на земјите во нивното усогласување со стандардите и политиките на Европската Унија, вклучувајќи го и правото на Европската Унија (acquis communautaire), во процесот на нивно пристапување кон Европската Унија. Целта на ИПА е да им помогне на овие земји да ги исполнат претпристапните критериуми, како и политичките, економските и правните критериуми од Копенхаген за членство во ЕУ, преку зајакнување на капацитетот на администрацијата и подготовка за програмирање, управување и спроведување на Кохезивниот, Структурните фондови и фондовите за Рурален развој на ЕУ по нивно пристапување во Унијата.