Користењето на средствата од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е определено со Регулативата за воспоставување на ИПА и Регулативата за имплементација на ИПА, според кои ИПА средствата ќе се управуваат на децентрализиран начин секогаш кога е тоа можно. Децентрализираното управување со средствата од ИПА помошта е воспоставено со цел да се овозможи управување со средствата од страна на земјите кориснички на помошта.
При децентрализирано управување со средствата од ИПА помошта, Комисијата на Европската унија делегира дел од своите овластувања на земјата корисничка, но притоа ја задржува крајната целокупна одговорност за генерално спроведување на исплатите од буџетот на Европската унија согласно член 53(Ц) од Регулативата (ЕК/Евроатом) бр. 1605/2002, и соодветните одредби од Договорите, кои ќе се применуваат при спроведување на помошта согласно ИПА Регулативата.
За исполнување на целите на ИПА помошта, децентрализираното управување со средствата ги вклучува спроведувањето на тендерските постапки, склучување на договори и иплата на средства.
Пред носење на одлуката за пренесување на надлежностите за децентрализирано управување за конкретна компонента, програма или мерка на земјата корисничка, Европската комисија бара исполнување на критериумите определени со член 56(2) од Регулативата (ЕК/Евроатом) бр. 1605/2002 кои се однесуваат на системите за управување и контрола, како и условот следните национални акредитации да бидат донесени и влезени во сила:
- Акредитација на Националниот координатор за авторизација и Националниот фонд
- Акредитација на Оперативната структура
Исто така пред конечното пренесување на надлежностите за децентрализирано управување, Комисијата повторно ќе ги разгледа националните акредитации, постапките и структурите на секое од телата и органите кои се дел од структурата за управување со претпристапната помош ИПА во земјата корисничка.
Одлуката за пренесување на надлежностите за децентрализирано управување со ИПА помошта за имплементација на определена компонента/програма содржи листа на сите еx ante проверки кои ќе се вршат од страна на Европската комисија поврзани со спроведување на тендерските постапки, објавувања на јавни повици за доставување понуди, доделување на грантови и договори.
Ex-ante контролата ќе се применува, во зависност од компонентата, односно програмата, до моментот кога Европската комисија ќе даде дозвола за управувањето да биде вршено без примена на ex-ante контрола согласно член 18 од Регулативата на Комисијата (ЕК) бр. 718/2007 (ИПА регулативата).