Официјалниот завршен настан на твининг проектот финансиран од ЕУ „Понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка за квалификации“, се одржа на 13 декември 2023 година, во хотел Мериот, Скопје.
На настанот излагање имаа г. Јетон Шаќири, министер за образование и наука, г-ѓа Мари-Мадлен Канелопулу, шефица на Економскиот оддел при Делегацијата на Европската Унија, Н.Е. г-ѓа Вилма Дамбраускине, амбасадор на Република Литванија, Н.Е. г. Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција и Н.Е. г. Грегор Прескер, амбасадор на Република Словенија.
Активностите спроведени во текот на имплементацијата на проектот и постигнатите резултати беа претставени од страна на г-ѓа Агне Кудараускине, лидер на проектот на земја членка на ЕУ и г. Борчо Алексов, лидер на проектот на земјата корисник.
Главната цел на проектот беше дополнително зајакнување и поголема применливост на Националната рамка на квалификации (НРК) за зголемување на вработливоста, мобилноста и социјалната интеграција меѓу работниците и учениците. Проектот ја поддржа функционалноста на НРК и особено се фокусираше на:
- подобрување и имплементирање на постапките за обезбедување квалитет (ОК);
- транспарентност и управување со вештините и квалификациите во рамки на доживотното учење во општото образование и стручното образование и обука (СОО) и високото образование;
- подобрување на квалитетот и подобра приспособливост на образованието и обуките согласно барањата на пазарот на трудот;
- поврзување на формалното, неформалното и искуственото учење; и
- поддршка во процесот на валидација на резултатите од учење стекнати преку неформално или искуствено учење.
Проектот е финансиран од Европската Унија со вкупен буџет од 1,5 милиони евра, а се имплементираше 27 месеци.