Во последните неколку години, Европската унија инвестираше речиси 325 милиони евра во зајакнување на транспортната инфраструктура на земјата. Со нив, беа изградени или реставрирани повеќе од 100 км од автопатските делници, 64 км патишта во повеќе од 40 општини и 60 населби, 16 км железничка пруга и 11 железнички станици.
Секторот за централно финансирање и склучување на договори при Министерството за финансии како Договорен Орган во Системот за децентрализирано управување со проектите финансирани од ИПА, во блиска соработка со Министерството за транспорт и врски како корисник на проектот, како и Јавното претпријатие за државни патишта и Јавното претпријатие за македонски железници – Инфраструктура како крајни корисници, како и со Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, имплементираше бројни проекти во транспортниот сектор финансирани во рамките на Финансиската перспектива 2007-2013.
Некои од проектите коишто би можело да се издвојат се следните:
– Во патната инфраструктура:
- Рехабилитација на Државен пат А1, секција Куманово – Миладиновци (лев коловоз) како дел од коридор Х;
- Рехабилитација на Државен пат А1, секција Куманово – Миладиновци (десен коловоз) како дел од коридор Х;
- Реконструкција и поставување на сообраќајни знаци и ознаките на патот на одредени клучки долж Коридорот X и по должината на делови од клучката Хиподром – Миладиновци и од клучката Хиподром – Петровец;
- Рехабилитација на автопатската делница Велес – Катланово, како дел од Коридорот X;
- Градење на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица како дел од пан-европскиот коридор X;
- Рехабилитација и надградба на автопатска делница Смоквица-Гевгелија како дел од Коридорот X.
– Во железничката инфраструктура:
- Обнова со реконструкција на железничката делница Битола – Кременица, како од од Xd од Коридорот X;
- Рехабилитацијата, надградбата и реконструкција на поголемите железнички станици на Коридорот 10 и кракот 10д во согласност со најдобрите ЕУ практики;
- Рехабилитација и надградба на Железничката станица Скопје во согласност со препораките дадени во процената.