Поддршка на Министерството за финансии за јакнење на капацитетите за макроекономски анализи и формулирање политики

Проектот има за цел да го поддржи Министерството за финансии за подобрување на економските анализи и вештините за прогнозирање, како и создавање среднорочна и долгорочна макро-фискална рамка преку натамошен развој на капацитетите за макроекономско моделирање и даночни приходи, општествените трошоци и добивки, фискални анализи и подобрување на процесот за буџетско планирање. Проектот започна во декември 2012 година и ќе биде имплементиран во период од две години од страна на ХАУС Финскиот институт за јавен менаџмент и Националната академија за финансии на Кралството Холандија.

Главни корисници на проектот се Секторите за макроекономска политика, за буџет и фондови и за даночна и царинска политика во рамки на Министерството за финансии.

Во реализацијата на овој проект Министерството за финансии соработува со сите други министерства од економската област, со Народната банка, Државниот завод за статистика, Управата за јавни приходи и слично, во насока на размена на податоци но и за подобрување на анализите во однос на економските случувања и извлекување оптимални мерки за формулирање на економските политики во иднина.

Активностите на проектот ќе се фокусираат на размена на познавањата од областа на економската анализа, предвидувањето и формулирањето на економските политики за да се придонесе кон подобрен квалитет на информациите обезбедени за креаторите на економската политика, што е неопходно за успешни процеси за донесување одлуки.

Вредноста на проектот е 950.000 евра.